Македонската развојна фондација за претпријатија, денес, 28 февруари 2023 г. го одржа настанот „Права на интелектуална сопственост и географска ознака во областа на културниот туризам и културното наследство“. Настанот се одржа во просториите на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Пред повеќе од 50 студенти, професори, чинители од секторот туризам, културен туризам и културно наследство беа презентирани теми од областа на интелектуалната сопственост. На настанот беа споделени успешни примери на примена на правата од интелектуална сопственост од Македонија, Германија, Шпанија, Бугарија и Романија. Примерите беа од секторот на туризам, култура и културно наследство.
Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија преку примери ја потенцираше важноста на интелектуалната сопственост за заштита и развој на бизнисите, вклучително и оние од секторот туризам и култура. Занаетчии, уметници, музеи, туристички агенции се само дел од успешните примери кои беа презентирани. Постојат повеќе предизвици за примена и раководење со правата на интелектуална сопственост во овие сектори меѓу кои се и ниската информираност, знаење и трошоци. Сепак, соодветната заштита и примена на истите може да донесе и до економски придобивки за нејзините сопственици во делот на промоција на квалитет, повисоки приходи и други. Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија ја нагласи потребата за развој бизнис вештини и широки погледи за соодветно искористување на поволностите кои ги нудат заштитата на трговската марка, географската ознака и ознаката на потеклото.
На настанот беше преставена и програмата „Learn-IP” и платформата за обука “Learn-IP Academy” наменета за чинителите од секторот културен туризам и културно наследство.
Овој настан е дел од програмата „Learn-IP” финансирана од Европската унија, преку програмата Еразмус+. Зад програмата „Learn-IP”, стои стратешко партнерство од пет европски организации од Македонија, Германија, Шпанија, Бугарија и Романија.
Повеќе информации може да најдете на: https://learn-ip.eu/