Сузана Видојевиќ и нејзиното семејство одгледуваат печурки, шампињони. Семејниот бизнис, Дибо компани, се одвива на три локации во Скопје и една во Охрид. Во текот на зимата, тие живеат во Скопје и печурките ги одгледуваат во својата куќа и на уште две изнајмени локации во Ѓорче Петров.
Сузана Тодоровска и нејзиниот сопруг до 2002 година работеле во фабриката Брако во Велес. Но, откако Брако бил ставен во стечај, решиле да отворат сопствена фирма за трговија со железо и жичани производи. Во 2003 година започнуваат со производство на светло влечена жица. Започнувајќи го бизнисот, освен за себе, обезбедиле работни места за уште тројца работници.
Ремзија Амети со години им го разубавува еден од најважните денови во животот на девојките – денот на нивната свадба. Во малиот дуќан во Т.Ц. Мавровка таа со огромна позитивна енергија и ентузијазам му приоѓа на секој нов невестински фустан како да и е прв во шивачката кариера.
Од својата четврта година Тамара Кртолица е во балетските води. На 18, веќе имала сопствен бизнис, на новите генерации балерини и балетани им давала часови по балет. На 24, таа одлучила да го прошири бизнисот и отворила продавница за балетска опрема, единствена од таков вид во Скопје.
На крајот од охридското село Лакочереј се издига новиот производствен погон на семејниот бизнис на Цане Сотироски, ИКО 2007. „Произведуваме главно приклучна опрема за земјоделска механизација, како тракторски приколки за транспорт на јаболка, косачки за трева, плугови и сл.“ – го започна разговорот Цане. „Вчера испорачавме цел камион опрема за клиенти од Ресен“, се пофали тој. Во ИКО 2007 работат и на градба на објекти од метални конструкции, репарираат градежна механизација, произведуваат метални огради за тераси.
Претпријатието „Супер груп“ веќе 13 години произведува таан алва. Освен алвата, произведуваат уште таан, сириште-маја, диетални производи и ладно цедено масло. „Успеавме да се одржиме сиве овие години“, вели Уљкер Дишо, управител на фирмата. „Имавме и добри и тешки времиња. На почетокот произведувавме помали количини, потоа со текот на време го зголемувавме производството. Денес можам да бидам горд на тоа што сме го постигнале како фирма“, вели Дишо.
Семејството Селмани веќе пет години успешно го води бизнисот со алати и железарија. Нивната продавница во центарот на Тетово е нивниот семеен бизнис. „Кога размислувавме да започнеме со некаков бизнис, ми дојде идејата тоа да биде дуќан со алати и железарија“, се сеќава 24-годишниот Астрит Селмани. „Стоката ја набавуваме од странство или од домашни добавувачи. Во почетокот беше тешко, но сега веќе имаме одреден број постојани клиенти, кои се снабдуваат од нас. Добро е што се гради. Кога тие имаат работа, имаме и ние“, вели Астрит.