„По долги години ангажман во Топилницата за цинк и олово во Велес, како електричар, останав без работа и се најдов во многу незавидна позиција“, ја почнува својата приказна велешанецот Тони Јосифовски. Обидувајќи се да обезбеди егзистенција, Тони започнал да вози такси, по примерот на брат му кој на тој начин си обезбедувал примања.
Тогаш се уште не знаел дека од возењето такси ќе си создаде бизнис кој ќе обезбедува егзистенција не само за него, туку за уште осум луѓе кои работат за него и за неговиот партнер. Заедно со деловниот партнер, во 2015 година ја основале компанијата „Лидер такси“. Почнале со едно возило, а денеска имаат осум. „Ако не беа кредитите немаше да успееме“, вели Тони, додавајќи дека „ако не финансираш и вложуваш на право место се ти е џабе“.
Сите возила се опремени со фискални таксиметри и сите се поврзани во еден систем преку GPS систем. Возилата се со унифицирани ознаки, опрема и боја.
Плановите за иднина се поврзани со сегашната дејност. Партнерите сакаат да отворат перална и автосервис за автомобили, кои првенствено ќе бидат наменети за нивниот возен парк, со можност тие услуги да ги нудат и на останатите клиенти.
„Клучот за успех е во прецизноста и добрата услуга“, вели Тони. Тој е корисник на кредит од кредитната линија на МРФП, пласиран преку финансискиот посредник „Можности“. Парите ги искористил за купување на нови фискални апарати. Вели дека кредитот им помогнал да инвестираат во ситуација кога самите не можеле да заштедат за тоа.